БАКЛАВА СО ОРЕВИ
Нема кој не сака баклава! Ја сакаат и децата и возрасните, лесно се подготвува, може да остане во фрижидер неколку дена без да се расипе… Има многу причини да направите баклава!
Доколку не сте сигурни кој рецепт да го одберете, еве еден оригинален рецепт кој ни доаѓа од срцето на Босна, каде трпезата на празници, но и во обични денови не може да се замисли без баклава!
Состојки:
1 кг готови кори за баклава,
900 гр мелени ореви,
100 гр крупно сечкани ореви,
150 гр шеќер,
250 гр путер и
100 мл масло.
За прелив:
1 кг шеќер, вода и лимон.
Подготовка: Подгответе го преливот – истурете го шеќерот во тенџерето и прелијте го со вода (да биде водата два прста над шеќерот). Гответе околу 20 минути на силен оган, можеби и помалку, преливот да не е премногу густ. Густината треба да биде помеѓу сируп и вода. Во сварениот прелив додадете исечкан лимон. Оставете го да отстои, бидејќи преливот мора добро да се излади пред да ја прелиете баклавата со него.
На плехот во кој ќе се пече баклавата исечете ги корите по мерка. Растопете го путерот на тивок оган, внимавајте да не ја смени бојата и измешајте го со маслото. Во плехот прво се ставаат три кори кои треба да се премачкаат со путер и масло (оваа смеса нека биде топла, така кората ќе добие крцкавост), па на првите три кори ставете ги сите сечкани ореви. Потоа ставете две кори, па се премачкајте со смеса од путер и масло (смесата може да се стави и на секоја кора), па се посипува со мелени ореви кои претходно сте ги измешале со 150 грама шеќер. Повторете ја постапката додека не го потрошите материјалот.
На крај покријајте ја баклавата со три кори премачкувајќи ја секоја, со путер, освен последната.Пред да ја исечете баклавата притиснете ја со дланките и израмнете ја. Баклавата потоа се сече во форма на дијамант.
Се става во рерна прво десетина минути на 190 степени додека не порумени, а потоа се суши 45 минути на 150 степени. Доколку мислите дека е премногу темна, покријте ја со алуминиумска фолија и продолжете со печењето.
Проверете дали е печена така што ќе ја кренете баклавата со вилушка и проверете дали е испечена и на долниот дел. Топлата баклава прелијте ја со ладен прелив и притиснете со плех или тепсија за да се израмнат корите. Баклавата не треба да е притисната повеќе од десет минути. Баклавата е најдобра кога ќе отстои ден-два, на ладно место.
НАЗДРАВЈЕ!!!